Денеска се одржа и првата конститутивна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во рамки на Советот за развој на Североисточниот плански регион (СИПР), на која беа верифицирани мандатите на членовите, избран претседавач и усвоени повеќе одлуки поврзани со заштитата на животната средина и унапредувањето на системот за управување со отпад.
По конституирањето на Одборот, за претседател беше избран Даниел Павловски – градоначалник на Општина Ранковце. Со тоа, Меѓуопштинскиот одбор официјално го започна својот мандат и работата на координирани активности за поефикасно и одржливо управување со отпадот на регионално ниво.
На седницата присуствуваа и раководители на сектори од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и претставници на Европската Унија, при што беа разгледани клучни прашања и насоки поврзани со реализацијата на проектот за регионална депонија во Свети Николе, со предвидени претоварни станици во општините од Североисточниот плански регион. Овој проект претставува важен чекор кон воспоставување современ и функционален систем за управување со отпад, усогласен со европските стандарди.
Посебен акцент на седницата беше ставен на активностите и проектите за затворање на непрописни и диви депонии, како и на мерките за унапредување на постојниот систем за собирање, транспорт и третман на отпад. Дополнително, беа отворени прашања за воспоставување јасни правила и процедури за работа на Меѓуопштинскиот одбор, со цел поголема ефикасност, отчетност и континуитет во спроведувањето на планираните активности.
Продолжуваме посветено да работиме на зајакнување на меѓуопштинската соработка, поддршка на одржливи решенија и унапредување на животната средина, со крајна цел – подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во Североисточниот плански регион.
