Североисточниот плански регион го опфаќа крајниот североисточен дел на Република Северна Македонија, се простира по течението на реките Пчиња и Крива Река и вклучува 6 општини: Липково, Куманово, Старо Нагоричане, Кратово, Ранковце и Крива Паланка.
Североисточниот плански регион се протега долж границите со Република Косово, Република Србија и Република Бугарија. Неговата вкупна површина изнесува 2.310 km2, односно 8,98% од вкупната територија на Република Северна Македонија.
Североисточниот плански регион се состои од 6 општини:
- Липково
- Куманово
- Старо Нагоричане
- Кратово
- Ранковце
- Крива Паланка
Општина | Површина km2 | Жители на km2 | Населени места | Градско население |
Кратово | 375 | 26 | 31 | 66,30% |
Крива Паланка | 480 | 42 | 34 | 69,90% |
Куманово | 509 | 213 | 48 | 72,30% |
Липково | 273 | 109 | 22 | 0% |
Ранковце | 241 | 16 | 18 | 0% |
Старо Нагоричане | 432 | 10 | 39 | 0% |
Вкупно | 2310 | 76 | 192 | 56,60% |
Во состав на Североисточниот плански регион влегуваат 192 населени места, од кои 189 се рурални населби. Густината на населеност е 76,2 жители/km2 и е приближно до просекот на земјата (83 жители/km2). Учеството на Североисточниот плански регион во Бруто домашниот производ на Република Македонија е на ниво од 5.5%. Согласно Oдлуката за класификација на планските региони во Р. Македонија и развојните индекси за периодот 2013-2017 година, Североисточниот плански регион на Р. Македонија го завзема осмото место по развиеност:
Природни ресурси и карактеристики
Североисточниот плански регион се карактеризира со заштитени природни подрачја и еколошки коридори на националната еколошка мрежа за поврзување на заштитените области и еколошки важните области. Како репрезентативни подрачја се дефинирани повеќе локалитети како на пример Кумановски Козјак кој е предложен за Парк на природата и покрај карпестите отсеци значајни за гнездење на неколку видови грабливи птици, подрачјето претставува краен северен ареал на распространување на некои медитерански видови (грчка желка, големо црноглаво грмушарче, лазач грнчар). Во остатоците од дабови и букови шуми на северните падини се среќаваат и други значајни видови птици (црвеноградо муварче, Ficedula semitorquata).
Локалитетот Кокино покрај големот културно значење има и голема геоморфолошка вредност. Тој претставува геолошка појава, излив (лачење) на пироксенски андезити и андензити со старост од 32-33 милиони години.
Реката Потрошница има голема орнитолошка и ботаничка важност. Подрачјето е од посебно значење заради гнездење на повеќе видови грабливи птици и е јадрово подрачје на значајниот орнитолошки локалитет Пчиња-Петрошница-Крива Река.
Локалитетот Куклица, како споменик на природата претставува редок геоморфолошки облик.
Бислимската клисура е кратка клисура со изразено субмедитеранско климатско влијание, богата со подземни и површински карстни форми. Во пештерите се среќаваат значајни колонии лилјаци и е регистрирано присуство на троглофилни видови. Од посебно значење е за гнездење на некои медитерански и грабливи видови птици: египетски мршојадец, сив сокол, златен орел, лисест глувчар, црн штрк и други. По карпите се развива хазмофитска вегетација и овој локалитет има голема биолошка и геоморфолошка вредност.
Клисурата на река Киселица, е од голема зоолошка важност, иако оваа мала клисура е со недоволно проучени природи вредости. Значајна е заради присуството на видра, но возможо е присуство на уште неколку значајни видови од ’рбетниците.
На територијата на Североисточниот плански регион делумно се простираат и Осоговските Планини кои поседуваат значајни вредности од биолошки аспект. Идентификувани се голем број на меѓународно и национално значајни видови од флората и фауната, од кои значителен дел се засегнати, ендемични или ретки видови. Покрај тоа Осогово е идентификувано како: Значајно растително подрачје (ЗРП), Значајно подрачје за птиците (ЗОЛ), Важен коридор за движење на дивите растителни и животински видови во рамките на пан-европската еколошка мрежа за југоисточна Европа (PEEN SEE) и Емералд подрачје.
Регистрирани се 18 хабитати според EUNIS класификациониот систем за хабитати, пет од нив се значајни за зачувување според Директивата за живеалишта. Регистрирани се 1007 видови и подвидови на растенија од кои 18 се регистрирани само на Осогово меѓу кои: Viola biflora, Anemone narcissiflora, Myriophyllum verticillatum, Pulsatilla montana ssp. Slaviankae и др.
Врвот Царев Врв е единствен локалитет за Genista fukarekiana (ендемично растение, се среќава единствено на Осоговските Планини), Hypericum maculatum ssp. Мaculatum и Viola biflora. На Осогово регистрирани се 258 видови макромицети. Утврдено е присуство на 24 видови цицачи. Регистрирани се 133 видови птици, од нив 36 значајни видови.
Особено значаен орнитолошки локалитет е локалитетот „Раткова скала”. Идентификувани се 10 видови водоземци и 21 видови влекачи. Познати се 11 видови риби од кои осум се вклучени на Црвената листа на IUCN. На Осогово евидентирани се 16 балкански ендемити од групата полжави, вкупно 243 видови пајаци (14 ендемични), 37 видови скакулци (5 балкански ендемити), 15 видови вилински коњчиња, 99 видови дневни пеперутки (Erebia aethiops и Minois dryas се среќаваат само на Осогово), 203 видови тркачи – Carabidae. Осогово се карактеризира со интеракција помеѓу луѓето и природата, а биолошката разновидност и човековото наследство, сочувано во природни пејсажи, придонело кон формирање на карактеристични предели.
Климатски и хидролошки карактеристики
Територијата на Североисточниот регион ги опфаќа сливните подрачја на реката Пчиња и Крива Река и во најголем дел припаѓа на Вардарското сливно подрачје, а многу мал дел на меѓународниот слив на Јужна Морава. Во својата хидрографска структура регионот располага со разни видови на извори на вода и две вештачки акумулациони езера (Липковско Езеро и Глажња). Водниот потенцијал се должи на релативно високата надморска височина на која се наоѓа дел од регионот, како и геолошкиот состав на земјиштето. Регионот изобилува со бројни реки и мали сливови кои припаѓаат на Крива Река и Дурачка Река. На подрачјето на општината Крива Паланка се изградени две акумулации: Базјачко Брдо со капацитет од 14.100 м3 вода и акумулацијата Влашки Колиби на локалитетот Калин Камен со капацитет од 6.200 м3 вода на надморска висина од 1.590 м.
Едно од главните обележја на дел од просторот на овој регион се прилично атрактивните вештачките акумулациони езера – Липковско Езеро и Глажња – во Општина Липково. Првото е акумулирано на Липковската Река, во непосредна близина на с. Липково, на површина од 0,40 км2, а во него се акумулирани 2.250.000 м3 вода. Поголемото езеро Глажња е поставено на североисточните падини на Скопска Црна Гора и акумулира околу 22.000.000 м3 вода.
Злетовска Река пак, е типичен пример на отворено и високопланинско водено тело и се одликува со ладни и брзи води во горниот тек, тече во планинскиот дел и е со добар воден потенцијал со среден годишен проток од 1,98 м3/сек.
На подрачјето на Општина Крива Паланка изградени се две акумулации: Бажјачко Брдо, со капацитет од 14.100 m3 вода и акумулацијата Влашки Колиби на локалитетот Калин Камен, со капацитет од 6200 m3 вода, на 1590 m надморска височина.
Во однос на водниот потенцијал, во регионот постои можност за изградба на акумулации или брани на неколку локации: брана на Станешка Река за водпснабдување и други потреби, брана на Мпштеничка Река (местото Просечник), брана на Упраничка Река, брана на Дубровничка Река, брана на Матејчанска Река, брана на Отљанска Река, брана на Слупчанска Река и брана на Лојанска Река.
Население и демографски карактеристики
Според податоците од последниот попис извршен во Република Северна Македонија („Попис на население, домаќинства и станови во Република Македонија од 2002 година“) во Североисточниот плански регион на Република Северна Македонија живеат 172.787 жители во вкупно 192 населени места, 189 од нив рурални населени места. Во регионот има вупно 46.295 домаќинства и 59.488 живеалишта („Попис на население, домаќинства и станови во Република Македонија од 2002 година“).
Економски карактеристики
Учеството на Бруто домашниот производ (БДП) на Североисточниот плански регион во БДП на Република Македонија е на ниво од 5.5%, што е многу помалку од учеството на регионот во вкупната територија и вкупниот број на население за државата.
Основни податоци | СИПР | РМ | Учество |
Бруто домашен производ, 2013 во милиони денари | 25.807 | 466.703 | 5,5% |
Бруто домашен производ по жител , 2013 | 147.095 | 226.440 | 65,0% |
Бруто додадена вредност, 2013 во милиони денари | 22.322 | 403.684 | 5,5% |
Инвестиции во основни средства | 2.645 | 109.071 | 2,4% |
Учество на инвестициите во бруто додадената вредност | 11.8% | 27,0% | |
Број на активни деловни субјекти , 2014 | 4.159 | 70.659 | 5,89% |
Број на мали претпријатија, до 49 вработени, 2014 | 4.069 | 69.148 | 5,88% |
Број на издадени одбренија за градба, 2014 | 140 | 2.628 | 5,33% |
Предвидена вредност на објектите | 7.987.414 | 69.630.696 | 11,47% |
Создаден комунален отпад , во тони 2014 | 78.182 | 765.156 | 10,22% |
Собран комунален отпад, во тони 2014 | 65.747 | 569.794 | 11,54% |
Потрошувачка на електрична енергија во индустријата, во GWh, во 2013 енергија | 41 | 2.401 | 1,71% |
Структура на компании во регионот
Од вкупно 4.159 активни деловни субјекти во Североисточниот плански регион, најголемо учество имаат претпријатијата од дејноста трговија (37,72%) и преработувачката индустрија (14,26%). Поголемо учество на бројот на претпријатија по дејности во Република Македонија се забележува кај преработувачката индустрија (7,73%), рударството (6,67%), објекти за сместување (6,5%), трговијата (6,28%), земјоделието (5,91%) и транспорт и складирање (5,24%).
Најголемиот дел од претпријатијата во Североисточниот плански регион 90,2% се микро компании, а потоа следат малите претпријатија со 7,6%. Нивното учество е поголемо од учеството на МСП во вкупниот бројот на претпријатија во Република Македонија.
Како најзначајни сектори на стопанската активност се индустријата (прехранбена, хемиска и металната индустрија, тутунот и цигарите) и градежништвото. Обемот на инвестиции во основни средства во регионот е низок и е под просекот за државата. Додека националниот податок за обем на инвестициите покажува раст од 15.8%, растот кај Североисточниот плански регион е 9.56%.
Пазар на работна сила
Стапката на активното население во регионот се намалува, но вработувањето е зголемено и со тоа невработеноста опаѓа. Во споредба со националниот просек Североисточниот плански регион има помала стапка на активност, стапка на вработеност и поголема стапка на невработеност, која од година во година опаѓа.
Патна инфраструктура
Патната инфраструктура во Североисточниот регион се состои од локална, регионална и А патна мрежа. Низ регионот поминуваат европските коридори VII и X.
Постојната патна инфраструктура во Североисточниот сточниот плански регион се состои од 888 км локални патишта, 99 км А државни патишта и 370 км регионални патишта.
Главни патни правци кој што го поврзуваат овој регион со другите регион се државниот пат А1 (Скопје – Куманово – Граница со Македонија) и државниот пат А2 ( Куманово – Крива Паланка – Граница со Бугарија)
Во регионот делови од следниве регионални патни правци имаат земјан коловоз:
• Р 1210 Крива Паланка – Тораница – Македонска Каменица (Саса)
• Р 2244 (Арбанашко – Рамно – Граница со Србија)
• Р 2248 (Герман – Нерав)
• Р 2245 ( Огут – граница со Србија )
• Р 2250 (Луке – граница со Србија)
• Р 2247 (Татомир – врска со Р 1205)
Само дел од општините имаат добра база на податоци за состојбата на патната мрежа, потребните средства, врз основа на кои може правилно да се планира одржувањето и развојот на локалната патна мрежа. Во последните неколку години со користење на сопствени средства, како и средствата од Министерството за транспорт и врски дел од локалните патишта се реконструирани и надоградени.
Густината на патната мрежа во Североисточниот плански регион изнесува 0,59 и е поголема за 7,3% од густината на патната мрежа на ниво на Република Македонија (0,55).
Во Североисточниот плански регион постојат три гранични премини. Два гранични премини се со Република Србија (Табановце и Пелинце) и еден со Бугарија (Крива Паланка).
Железничка инфраструктура
Покрај патиштата во состав на транспортните коридори се и железничките траси. Во Североисточниот регион лоцирани се две железнички линии и тоа во коридорот бр. VIII e трасата на железничката линија од Куманово со врска со железничката линија од коридорот бр. X, преку Крива Паланка продолжува кон Р. Бугарија. Во коридорот X е трасата на железничката линија граница со Србија – Куманово – Скопје – граница со Грција.
Оваа железничка врска е многу релевантна за стопанството, како за државата така и за регионот. Во последните години превземени се мерки за реконструкција на оваа пруга. Вкупната должина на оваа железничка линија која е лоцирана во регионот изнесува 31 км.
Густината на железницата во регионот изнесува 13,27 км на 1000 км2 (27 км просечно во Македонија). (извор: Програма за развој на Североисточен плански регион 2015-2019)
Воздушна инфраструктура
Во непосредна близина на Куманово се наоѓа аеродромот „Александар Велики“. Близината на овој аеродром овозможува опслужување на дел од општините во Североисточниот регион. Тоа се пред се општините кои се наоѓаат во близина на Куманово.
Во близина на Куманово, кај село Режановце, постои и спортски аеродром од класа 2Б со писта (850 х 100) од тревната подлога и површина од 51,37 ha, како и леталиште за стопанска авијација „Клечовце“ кое има површина од 6 ha.