Skip to content

Уредување и валоризација на спортско-рекреативниот центар Бислим

ДАТУМ

декември 2, 2019

Категории

Куманово ќе добие спортско-рекреативен центар за алпинизам, кајак на мирни води и велосипедизам.

Овој центaр за екстремни спортови ќе биде еден од ретките во државата, поради што има голем интерес од луѓето и институциите задолжени за развој на спортските дисциплини.

Во самото креирање на проектот учествувале Федерацијата за спортско качување и алпинизам и Кајакарската федерација на Македонија, која планира тука да го префрли центарот за обука на мирни води.

Проектот „Уредување и валоризација на спортско-рекреативниот центар Бислим“ е на Североисточниот плански регион, а средствата во висина од 128.000 евра се обезбедени од Швајцарската агенција за развој и Министерството за локална самоуправа и тој предвидува целосно искористување на природниот потенцијал на Бислимска Клисура на реката Пчиња.

За потребите на центарот веќе се набавени 15 кајаци, рафтинг чамец, 16 велосипеди, 6 електрични велосипеди,  2 мотори на 4 тркала за спасувачките служби,  реквизити за уредување и изградба на 60 стази за спортско качување и виа ферата, комплетна опрема за алпинизам, заштитна и сервис опрема, мобилна ГПС апликација и се друго што е неопходно за непречено користење, функционирање и организирање на спортски тури и натпреварувања.

„Реализацијата на проектот за Бислимска клисура е во завршна фаза. До крајот на годината треба да заврши уредувањето на рекреативниот центар и од пролет ќе биде ставено во функција на граѓаните, пред се на љубителите на спортот. Со овој проект Општина Куманово ќе добие современ спортски центар, а граѓаните можност да се занимаат со овие спортски дисциплини кои што досега немаа можност. Самата потреба за развој на туризмот во Општината и реткоста, убавините и неискористеноста на потенцијалот на Бислимска клисура, се наметна како идеја да аплицираме со овој проект,  а донаторите го препознаа неговото значење не само за регионот туку за целата држава“, – вели Владимир Павловски, координатор на проектот, вработен во Североисточниот плански регион.

Со центарот ќе стопанисува и ќе менаџира Општина Куманово, која ќе треба да изгради придружни објекти во самата клисура каде што ќе се чува опремата и ќе се издава на заинтересираните граѓани.

Бислимска клисура се наоѓа на 5 километри од Куманово, по течението на реката Пчиња и долга е 6,5 километри. Всечена е во капри и на некои места наликува на кањон. Нуди одлични можности за развој на туризам, поради големиот број на пештери, ендемски видови на растенија и животински свет, недопрена природа и екстремни спортови.

Од 2015 година наваму често ја посетуваат кајакари од западноевропските земји, откако Бислимска клисура и реката Пчиња се најдоа на понудата за посета на спортските рекреативци од Чешка, како дел од возбудливата тура насловена „Пловна тура низ Македонија“. Тие во потрага по нови доживувања и спортска рекреација, истражувајќи ги убавините на нашата земја најчесто кампуваат покрај реката во селото Шупли Камен, бидејќи нема ниту еден сместувачки капацитет во околината.

Жителите се надеваат дека спортскиот центар ќе заживее овој крај и го развие туризмот.

Споделeте:

Share on email
Email
Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on whatsapp
WhatsApp
Share on telegram
Telegram

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

I accept the Privacy Policy