Вести Платформа

НЕ ПОСТОЈАТ ЗАПИСИ Повеќе


КУМАНОВСКИ МЕЗЕЛ’K, КРАТОВСКА ПАСТРМАЈЛИЈА ПРОМОВИРАНИ СО ПОМОШ НА УНДП ПРЕКУ КНИГА И ДЕГУСТАЦИЈА


https://smart.sdk.mk/zdravi-naviki/vkusno/jadenata-od-severoistochniot-region-promovirani-preku-kniga-degustatsija/

Оригинални специјалитети од Североисточниот регион, како кумановски мезел’к, кратовска пастрмајлија, паланечки симит, липковска флија, кратовски армак или кумановска сунѓерка, ранковска муќкалица и кумановски суџук, денеска беа послужени пред гостите на промоцијата на македонскиот готвач „Духот на Североистокот“ во Куманово.

Специјалитетите имаа можност да ги пробаат и да ги оценат високата претставничка на УНДП, Лујза Винтон, и градоначалниците од регионот, кои го поддржаа проектот.

„Готвачот е круна на соработката на општините и институциите од Североисточниот регион. Знаеме дека овој регион е разновиден и дека со овој вид активности ќе се придонесе за поголем општествен и економски развој. Особено се радувам што во овој регион, како и во регионот од каде што јас доаѓам, во овој период се прославуваат многу празници преку кујната и готвењето“, изјави Винтон.

Издавачите велат дека ова е прв готвач со македонски традиционални јадења од ваков тип, кој е една уникатна спојка помеѓу традицијата во однос на подготовка на храната и модерното во однос на претставување на рецептите.

Оригиналните специјалитети отсликуваат мешавина од култури, влијанија, верувања и религии, па тие веруваат дека скриените тајни и јадењата ќе ги препознаат и најголемите светски шефови на кујни и домашни готвачи, па рецептите ќе ги стават во нивните менија.

„Поттикнати од можноста да оставиме белег во светската гастрономија, како што тоа го направиле шпанската паелја, печената риба од Ангола или пирошките од Русија, го создадовме овој несекојдневен готвач, кој нема да се задржи само на една специфична храна или кујна, туку ќе го долови духот, односно вкусот на овој доста живописен и интересен предел“, изјави Надица Чешмаџиска, изготвувач на „Духот на Североистокот“.

Во готвачот се претставени 30 традиционални специјалитети, пренесени преку интересни искуства од различни генерации од локални домаќинства од Куманово, Липково, Осоговија, Кратово, Крива Паланка, Старо Нагоричане и Ранковце. Проектот го финансираше УНДП, а го реализираше Центарот за развој во Североисточниот плански регион.

С. НИКОЛИЌ


  • 27.12.2017
  • |